10 пациенти оперирани на срце без потреба! Ќе има и подетална истрага со странски експерти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На десет пациенти биле извршени кардиохируршки и кардиолошки операции во здравствените институции низ целата земја, иако немало потреба. Ова го утврдила комисијата формирана да го истражи случајот, која направила анализа на 19 пријавени случаи. Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека на внатрешната комисија се доставени вкупно 25 случаи.

-Од нив беше констатирано дека 6 случаи треба да се проследат до здравствен инспекторат, бидејќи комисијата нема надлежност за нив. Беа анализирани 19 случаи, и од тие 19 случаи, комисијата констатираше дека 10 операции се извршени без потреба или пациентите се упатени на операција без доволни индикации, изјави Азир Алиу, министер за здравство.

Претседателот на Комисијата, д-р Жарко Христовски, рече дека ова е привремен извештај, а не конечен, и дека во втората фаза, заедно со странски експерти, ќе се анализира работата на сите институции во земјава кои извршуваат кардиоваскуларни интервенции.

-Кога ќе завршиме со сè, ќе побараме целосен преглед на медицинската документација за да се разберат подлабоко прашањата за секој поединечен проблематичен случај. Тоа значи, прво врз основа на тоа што можеме да работиме сега, и затоа излеговме, бидејќи знаеме дека има голем јавен интерес, но нашата работа треба да заврши со професионален извештај кој ќе понуди целосен и сеопфатен преглед на секој индивидуален случај, бидејќи станува збор за човечки животи, а не само за финансиски средства, изјави Жарко Христовски, претседател на комисијата.

На прашањето за здравствената состојба на пациентите и за кои институции станува збор, Христовски рече дека не е ниту правилно ниту етички и законски да се откриваат во оваа фаза. Во врска со ова, опозицијата СДСМ реагираше со изјава дека јавноста треба да знае кои клиники и лекари извршиле непотребни операции.

-Како е можно да е утврдено дека операциите се непотребно извршени, а истовремено извештајот да не е финален? Ако веќе е утврдено, нема ниту една причина да не се соопштат наодите за кои самиот тврди дека се утврдени — а истрагата потоа може да продолжи. Ова е крајно несериозно однесување на Алиу за огромен скандал за кој не смее да има ниту една дамка сомнеж дека нешто се сокрива или манипулира, рекоа од СДСМ.

Комисијата беше формирана откако кардиохирургот д-р Сашко Кедев во интервју за Канал 77 изјави дека некои приватни болници вршат непотребни интервенции за профит, вклучувајќи стентови и непотребни операции.