30 дена притвор за двете лица осомничени за убиство на ракометарот Денис Тот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Денеска судија на претходна постапка, постапувајќи по предлогот на Основното Јавно обвинителство – Скопје донесе решение за прифаќање на предлогот и на двете приведени лица, кои се осомничени за убиство на младиот ракометар Денис Тот, да им одреди мерка притвор во траење од 30 дена, заради постоење опасност од бегство и можност да влијаат и да ја попречат истрагата, јавува Телма.

Во случајот се осомничени три лица, од кои едното е во бегство.

Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци.

Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест.

Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот.

Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“.

Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура.

По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал.