Агенцијата на ОН за палестински бегалци нема пари за плати на вработените

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Генералниот комесар на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNWRA) Филип Лазарини денеска изјави дека поради големата финансиска криза, овој месец 28.000 вработени во агенцијата ќе останат без плати и предупреди дека можеби ќе се укинат некои клучни услуги за милиони луѓе во екот на пандемијата на коронавирусот.

УНВРА води училишта, клиники и програми за дистрибуција на храна за милиони палестински бегалци низ Блискиот Исток, главно потомци на Палестинците кои побегнале или биле протерани од територијата на денешен Израел во војната во 1948 година по основањето на еврејската држава.

Околу 5,7 милиони бегалци живеат во кампови претворени во сиромашни станбени области на окупираниот Западен Брег, анектираниот источен Ерусалим, Појасот Газа и во Јордан, Сирија и Либан.

Шефот на агенцијата пред новинари во Јордан изјави дека обновувањето на американската поддршка оваа година, што беше запрена од администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, не е доволно бидејќи другите донатори го намалија финансирањето.

Вработените вчера организираа штрајк откако слушнаа дека ќе доцнат платите, но по посредништво го прекинаа, рече Лазарини.

– Ако здравствените услуги на УНВРА се нарушат среде глобална пандемија, вакцинацијата против Ковид-19 и грижата за децата и мајките ќе бидат прекинати, а половина милион момчиња и девојчиња нема да знаат дали можат да го продолжат своето образование и над два милиони најсиромашните палестински бегалци нема да добијат помош, пари и храна, предупреди тој, оценувајќи дека хуманитарните потреби на палестинските бегалци растат, а финансирањето на агенцијата стагнира од 2013 година.

Критичарите на агенцијата, вклучително и Израел, тврдат дека тоа само ја поттикнува 73-годишната бегалска криза и велат дека земјите во кои живеат бегалците треба целосно да ги интегрираат.

Палестинците, сепак, тврдат дека бегалците и нивните потомци имаат право да се вратат во своите домови во денешен Израел.

Земјата го одбива тоа, објаснувајќи дека доколку тоа право целосно се примени, ќе има палестинско мнозинство.