Опозициската партија Алијанса за Албанците го обвини првиот вицепремиер, Артан Груби за лажна пропаганда во однос на постоењето на т.н француска иницијатива за решавање на прашањето меѓу Северна Македонија и Бугарија.
„Иако Артан Груби пред медиумите изјави дека спорот со Бугарија ќе заврши, идниот премиер на Бугарија, Кирил Петков ја отфрли можноста за повлекување на ветото, бидејќи според него од страна на Северна Македонија повеќе се прави пропаганда отколку преговори во овој правец“, истакнаа од Алијанса за Албанците.
Но, првиот вицепремиер Груби, за ТВ21 изјави дека доколку некому ова му личи на пропаганда, тогаш местото му е кај Левица, без да даде конкретен одговор дали ќе добиеме датум во декември.
„Неоправдано е. Ние се трудиме да го решиме прашањето со цел да добиеме датум за старт на преговорите со Европската унија. Ако некому ова му личи на пропаганда, тогаш местото му е кај Левица“, истакна Артан Груби.
Груби вчера изјави дека постои иницијатива од Франција за решавање на спорот меѓу земјава и Бугарија. По ова од бугарското МНР излегоа со став дека немаат никакви сознанија за ваква иницијатива.
