Алијанса за Албанците со поддршка за наставниците – „Пред две години реагиравме против законот кој го спречува штрајкот“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од политичката партија Алијанса за Албанците денеска упатија поддршка до наставниците.

Тие потсетуваат дека пред две години реагирале против законот кој го спречува штрајкот

„Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, денеска јавно им се закани на наставниците и директорите на училиштата во врска со најавениот штрајк што ќе започне во понеделник. Алијанса за Албанците ја потсетува јавноста дека пред две години предупреди и реагираше на ваквата состојба, барајќи промена на диктаторскиот закон со кој на наставниците им се ускратува правото на штрајк и им се заканува замена доколку штрајкуваат. На расправата за законот за основно и за средно образование, на 21 септември 2020 година, пратеничката Илире Даути од говорницата на Собранието повика да се смени членот со кој се предвидува смена на наставниците во случај на штрајк“, велат од Алијанса за Албанците.

Тие додаваат дека овој повик го игнорирале пратениците од мнозинството.

„Денеска министерот за образование и наука, повикувајќи се токму на оваа законска одредба им се заканува на наставниците и им го попречува правото на штрајк. Алијанса за Албанците и тогаш и денес е во поддршка на наставниците, нивното право на достоинствени услови за работа и нивното синдикално право да изразат револт додека не се исполнат условите. Во исто време, инсистираме да се направат измени во законот со кои се дискриминираат и робуваат и наставниците и самите ученици“, порачаа од партијата.