Политичкиот аналитичар Ќенан Алиу, во емисијата Click Plus на ТВ21, оцени дека коалицијата ВЛЕН има реална можност да се консолидира и да прерасне во сериозен политички бренд во Македонија, доколку успее да се институционализира и да задржи независен пристап кон власта.
„ВЛЕН неколку пати најавија дека ќе се обединат во еден правен субјект – една политичка партија. Тоа е нивно право и на нивните структури како ќе одлучат. Сметам дека, доколку дојде до брендирање и создавање на единствен политички субјект под името ВЛЕН, тоа би било поздраво решение за организирање и зајакнување на нивната структура,“ изјави Алиу.
Тој нагласи дека успехот на ВЛЕН ќе зависи од тоа дали коалицијата ќе успее да ја задржи автономноста и да не се „акомодира“ во власта.
„ВЛЕН има реални шанси да стане сериозен политички бренд, но само ако не се чувствува комотно во власта. Апсолутната власт, според познатата аксиома, не само што корумпира, туку може да биде и опасна за општеството. Важно е оваа влада да ја користи својата сила во полза на државата – за конзистентна надворешна политика и стабилно финансирање,“ посочи Алиу.
Тој додаде дека една од најважните теми за идниот политички развој е потребата од измена на Законот за финансирање на локалната самоуправа, бидејќи без јасни и стабилни извори на приходи, ниту еден градоначалник или општински совет не може реално да ги спроведе своите политики.
„Како може еден градоначалник да имплементира нешто во пракса ако нема буџетски капацитет? Тоа мора да се реши системски,“ порача Алиу во завршницата на емисијата.
