Освен тоа што се против Левица, Алтернатива би била и против соработката со Беса – изјави вчера во Клик Плус пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи Зејди.
Тој рече дека во нивната партија не е разговарано за ова прашање, а доколку би се дебатирало за тоа, неколку членови не би се согласиле да седнат на иста маса ниту со Беса.
„Тие успеаја преку СДСМ, се претопија, беше класично претопување во програмата на СДСМ, да добијат 4 пратеника. Би било неблагодарно тие да ги напуштат. Но човек кој еднаш напуштил некого и кој забил нож во грбот, нема проблем и да напушти“, вели Реџепи Зејди.
-Доколку би била ЛДП, а не Левица, вие не би имале ништо против Беса?
„Реков дека е добро што тоа прашање не отиде во партиските органи, инаку да отидеше, сите партиски органи би побарале да го повлечеме потписот бидејќи не се согласуваме со нив. Го спомнавте кандидатот на Беса за Гостивар, ајде влегувајте во негова кожа, потпретседател на Собрание, пратеник, успеа да добие двојно помалку гласови отколку поништените гласа во Гостивар. Јас автоматски би го вратил мандатот“, додаде Реџепи Зејди.
Дебатата во Алтернатива почна вчера, но не е завршена, а според Зејди наскоро ќе излезат со став како ќе делуваат во четврток кога во Собрание ќе се гласа интерпелацијата на Владата.
„Тоа што можам да го кажам сега е дека парламентарната група или пратениците на Алтернатива се обединети и каква било одлука и да имаме тоа ќе се почитува од сите пратеници од Алтернатива“, вели Орхан Муртезани.
Доколку Централното раководство на Алтернатива одлучи за уривање на Владата заедно со Левица и без ЛДП, Зејди рече дека ќе ја напушти партијата, дури ќе го предаде и пратеничкиот мандат.
