Алтернатива не сака да „попушти“ – поделби во Владата и ДУИ за влез на Алијанса за Албанците

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од која причина Владата треба да ја направи Алијансата за Албанците дел од неа? Парламентарното мнозинство брои 64 пратеници и е стабилно, барем така велат бројките. Но, двајцата партнери од коалицијата, премиерот Димитар Ковачевски и првиот човек на ДУИ Али Ахмети преговараат со АА.

-Јас имав средби со Алијанса, т.е. со нивните претставници . Ковачевски имаше средба и со господинот Таравари. Ќе видиме каков ќе биде епилогот од разговорите што ќе се водат меѓу партиите-рече Ахмети.

Првиот вицепремиер Артан Груби рече дека сите проевропски партии се добредојдени во Владата бидејќи таков е политичкиот момент кој наметнува поширока соработка.

-Сите сили кои ја поддржуваат европската интеграција на Северна Македонија мора да ги концентрираат своите сили за спроведување на уставните измени и сите неопходни реформи-вели Груби.

Но, не сите во ДУИ го поздравуваат можното проширување на Владата со АА. На пример, сопартиецот на Груби, Изет Меџити, оценува дека на парламентарното мнозинство не му е потребен АА.

-Не изгледа за здрава иницијатива која би ги помогнала процесите, туку се гледа…ако се случи може да биде коалиција на интереси но не и на интеграции, да почекаме следните денови., да ги видиме проценките какви ќе бидат, врз основа на тоа и ние ќе дадеме свое мислење-изјави Меџити.

И ако ДУИ има поделени мислења во себе, Алтернатива воопшто не делува ентузијастички дека нивниот поранешен партнер Алијанса за Албанците треба да влезе во Владата, тоа е затоа што очигледно не сакаат да отстапат ниту министерска фотелја, ниту дирекција. Велат СДСМ и ДУИ треба да ги дадат ресурсите со кои раководат.

-Единствена партија чии бројки варираат е ДУИ поради таканаречената „Огнена група“, која може да си замине. Ако АА влезе за да ја надомести загубата на оваа бројка од ДУИ, тоа е нивна работа, ние не можеме да се мешаме. Секако, тие што ја канат, мора и да ја угостат0-изјави Ибрахими.

Запрашан дали ДУИ е подготвена да отстапи какви било ресурси, Али Ахмети рече дека се уште не е разговарано. Според неофицијални извори, СДСМ бара ДУИ и Алтернатива да дадат некое министерство бидејќи во СДСМ и во јавноста има реакции дека повеќе од половина од владата ќе ја водат министри Албанци. И покрај тоа што расправата се префрли во ресорите, АА се уште нема конечна одлука за влез во Владата, за која в.д. претседателот Арбен Таравари рече дека ќе ја донесат партиските органи.

-Не ја отфрламе можноста да бидеме дел од Владата. Мислам дека за членството треба да одлучуваат органите на партијата, секако Комисијата за организација на конгресот и централното собрание на партијата, без разлика што во декември ќе имаме предвремен конгрес на 17 декември-рече Таравари.

Во секој случај, и со вклучување на АА во владата, власта не ги обезбедува потребните 80 гласа за уставните измени за вклучување на Бугарите. Ќе и требаат уште 8 пратеници за да достигне до 2/3 мнозинство.