Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави дека граѓаните наскоро ќе можат да ги користат своите лични документи во дигитална форма, преку апликацијата „М Услуги“. Апликацијата веќе е пуштена во тест верзија и, како што рече Андоновски, во првите 24 часа имала над две илјади симнувања.
„Интересот беше навистина голем, луѓето сакаат да ја тестираат и да видат дали им се допаѓа. Работиме на финализирање на апликацијата, и планираме нејзино официјално лансирање за јануари, иако поради врските со Реформската агенда можеби ќе се одложи за еден-два месеца,“ изјави Андоновски.
Апликацијата ќе овозможи граѓаните да ги користат своите лични документи, како лична карта и возачка дозвола, на едно место, без потреба секоја институција да развива посебна апликација. Министерот нагласи дека се работи и на усогласување со законодавството, за дигиталните документи да бидат признаени од Министерството за внатрешни работи, како и во банки и други институции.
„Целта не е апликацијата да биде задолжителна, туку да понуди алтернатива за оние кои сакаат да ги користат дигиталните документи и услуги. Сакаме сите податоци и информации од државата да бидат систематски на едно место,“ додаде Андоновски.
Апликацијата „М Услуги“ е дел од стратешките напори на Министерството за дигитална трансформација за олеснување на пристапот на граѓаните до јавните услуги и за унапредување на дигиталната иднина на земјата.
