Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување на емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 истакна дека Македонија активно работи на вклучување во роаминг зоната на Европската Унија, што значи дека граѓаните ќе можат да ги користат своите мобилни услуги во странство под исти услови како дома.
„Се надеваме дека нема да се донесе политичка одлука која би не одвоила, затоа што преговорите не се водат врз база на политика, туку на исполнување на техничките услови. Досега сме дел од пакетот на три држави – Македонија, Албанија и Црна Гора – и мислам дека сме најнапред во исполнувањето на условите“, рече Андоновски.
Тој појасни дека со новиот Закон за електронски комуникации веќе се исполнети 99% од барањата, додека остануваат некои подзаконски акти и мали технички измени кои се во завршна фаза. Министерството веќе го доставило акцискиот план до Европската Унија и очекува коментари, а по неговото целосно усогласување следува билатерален договор со операторите.
„Ова ќе значи дека под истите услови кои ги користите вашите пакети за телефон или интернет дома, истите услуги ќе можете да ги користите и надвор од земјата. Граѓаните веќе го чувствуваат тоа кога патуваат во соседните земји како Црна Гора, Србија и Албанија“, нагласи Андоновски.
Министерот потенцира дека крајната цел е Македонија да стане целосно дел од роаминг зоната на ЕУ, овозможувајќи поголема достапност и пониски трошоци за граѓаните при патување.
