Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување на „Клик Плус“ на ТВ21 појасни дека Македонија активно работи на вклучување во роаминг зоната на Европската Унија и дека ќе се обиде да биде дел од пакетот на држави од регионот, заедно со Албанија и Црна Гора.
„Имаше најави дека роамингот ќе се овозможи многу порано, особено со Грција, но нашата задача како Министерство е да завршиме сè што е наша домашна обврска, а потоа да лобираме да бидеме во пакетот со другите држави од регионот“, рече Андоновски.
Тој додаде дека ако Македонија не успее да го реализира ова како дел од пакетот следната година, ќе се пристапи и кон билатерални разговори со земјите каде што граѓаните најчесто патуваат, слично како што направија Украина и Молдавија.
„Многу е полесно тоа да го направи Европската унија во име на државата, бидејќи има интерес на страна на Европската комисија, што претседателката фон дер Лаен веќе неколку пати го истакна“, нагласи министерот.
Андоновски посочи дека најавите за вклучување на Албанија и Црна Гора во пакетот од јуни следната година биле погрешно интерпретирани од некои европски портали, но дека процесот за сите три држави се одвива паралелно и се очекува Македонија да стане дел од него.
„Нашата цел е да обезбедиме граѓаните да ги користат мобилните услуги во странство под исти услови како дома, без дополнителни трошоци, што ќе биде голема придобивка за сите“, додаде Андоновски.
