Арсовска им порача на приватните превозници на суд да се докажат кој кому должи – ќе има јавен повик за нови превозници

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска од говорницата во Советот на Град Скопје им порача на приватните превозници правдата да ја бараат на суд.

Околу протестот, таа вели го поддржува правото, но со одлуката приватните автобуски превозници да блокираат улици штета трпат граѓаните.

Таа додаде и дека ЈСП „Скопје“ се обидува да ги покрие сите линии.

„ЈСП „Скопје“ на почетокот на мандатот работеше со 140 исправни автобуси, во овие 12 месеци се ставија во функција дополнителен број на автобуси и сега има 270 автобуси кои се исправни. Доколку некој решил да го опструира јавниот интерес нека му служи на чест. Си има договорени обврски, а некој не ги почитува. Некој престана да вози во интерес на граѓаните и со тоа договорите се раскинати. Ќе си има нов јавен повик на кој сите оние кои ги исполнуваат критериумите ќе можат да се пријават и ќе можат да ја остваруваат својата дејност чесно“, вели Арсовска.

Таа додаде дека си има суд и таму преку тужба се докажува кој кому му должи.

„Ние немаме опомена од приватните превозници, ниту тужба и така може да се реализира договорно право. Го поддржувам правото на протест, но единствените кои губат се граѓаните“, вели Арсовска.