Ауреску не поддржува раздвојување на Скопје и Тирана – за Османи тоа не е долгорочен интерес и за Албанија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску денеска од Скопје порача дека Романија нема да поддржи раздвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон Европската Унија.

– Нема разговори за раздвојување на Северна Македонија и Албанија. Не го поддржуваме тоа развојување. Важно е да се најде решение што е можно побрзо да се започнат преговори со двете земји заедно, рече Ауреску на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Бујар Османи.

Ауреску истакна дека Романија е цврст поддржувач на членството на Северна Македонија во ЕУ, и во исто време тесно работиме на многу комплексни прашања.

Османи, пак, од своја страна посочи дека одлуката за раздвојување на Скопје и Тирана е на земјите-членки и дали тие ќе постигнат консензус Албанија да ги почне преговорите.

– Кажав и претходно дека не е долгорочен интерес на Албанија да се одвои од нас на овој пат. Така што ако барем до една фаза во процесот додека политичките критериуми се клучни си помагаме еден на друг, долгорочно ќе се создаде една синергија која го турка целиот процес напред. Се разбира дека Албанија има право да го дигне гласот, да каже ги исполнивме сите критериуми, зошто јас сум заложник на досието на друга држава. Меѓутоа, сум свесен дека и Албанија го дели мислењето дека долгорочно тоа не и одговара и многу земји-членки сметаат дека тоа ќе ја влоши регионалната динамика ако тоа се случи, истакна Османи.

Според него, засега немаме сигнал од ниту една земја-членка која би преферирала одвојување на пакетот.

– Сите се заинтересирани да се заврши оваа работа за двете држави. Но дека прашањето ќе се актуелизира од јуни, доколку ние не ги почнеме преговорите, тоа сум сигурен. Дека Албанија ќе биде многу погласна, дека ќе се обиде да лобира и дека ќе има земји-членки кои ќе кажат дека навистина ќе треба да се најде решение, а тоа нас нема да ни одговара. Затоа треба да сме фокусирани да не дојдеме во ситуација ова прашање да се актуелизира, оцени Османи.

Албанскиот премиер Еди Рама во неколку наврати најави дека ќе побара раздвојување на Скопје и Тирана на патотк кон ЕУ, доколку Северна Македонија не го реши до јуни прашањето со Бугарија.