Авиокомпанијата од Сингапур за летот во кој загина еден патник, на повредените им нуди 25.000 долари компензација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сингапур Ерлајнс понуди компензација на патниците на летот во мај кој наиде на силни турбуленции, при што едно лице загина. Повеќе од две недели по летот кој се случи на 20. мај, 20 патници и натаму се во болница во Бангок.

На патниците кои заработија полесни повреди им беа понудени 10.000 долари, додека оние со посериозни повреди може да разговараат за понуда што ќе ги задоволи нивните потреби, велат од раководството на авиокомпанијата.

„На патниците за кои е здравствено проценето дека претрпеле сериозни повреди, поради долготрајна медицинска нега и бараат финансиска помош, им се нуди 25.000 американски долари за да ги задоволат нивните итни потреби, а таа сума ќе биде дел од конечната спогодба“, се додава во соопштението.

73-годишен патник загина на летот, најверојатно од срцев удар, а десетици се повредени откако летот SQ321 од Лондон до Сингапур наиде на, како што авиокомпанијата ја нарече „ненадејна, исклучителна турбуленција“ над Мјанмар. Тој итно слета во Бангкок, Тајланд.

Патниците велат дека членовите на екипажот и оние кои не биле врзани се одвоиле од подот или од нивните седишта и удриле во таванот на кабината, кој на места пукнал. Од болницата во Бангкок, која ги примила патниците на лекување, соопштија дека повредите се на ‘рбетниот мозок, мозокот и черепот.