БГНЕС: Божиновска сѐ уште е бугарски државјанин! За тоа дали има бугарска самосвест, министерката рече: Ќе се консултирам со адвокат

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Само еден ден откако министерката за енергетика Сања Божиновска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ одби да го даде на увид на јавноста документот со кој што тврди дека поднела молба за поништување на бугарското државјанство, од бугарската агенција БГНЕС стигна информација од извори на бугарското Министерство за правда дека Божиновска нема указ за поништување на државјанството, пренесува БГНЕС. Оттаму додаваат дека Божиновска се уште е бугарска државјанка.

„Досега македонската министерка за енергетика Божиновска е бугарски државјанин. Според информации од извори на агенцијата БГНЕС, во Министерството за правда, кои сакаат да останат анонимни, на Божиновска не и е издаден указ за ослободување од бугарско државјанство. Експерти од Министерството за правда во Софија известија дека постапката за откажување од бугарско државјанство не завршува со поднесување барање“, пренесува БГНЕС.

Божиновска на вчерашната прес конференција прашана дали може со документи да потврди дека веќе не е бугарска државјанка и дали има бугарска самосвест одговараше само дека ќе се консултира со адвокат.

Божиновска: Јас поседувам македонско и чешко државјанство. Имам и македонски пасош и чешки пасош.
Н. Дали се уште имате бугарска самосвест?
Божиновска: На тоа прашање ќе морам да се консултирам со адвокатите, тие ја водеа таа процедура. И тоа беше многу одамна.
Н: И за вашата самосвест?
Божиновска: Значи тоа беа изјави на кои сега навистина не се сеќавам, тоа беше многу одамна. Не го водев јас процесот, значи го водеше адвокатска канцеларија.


За бугарското државјанство медиумите пишуваа уште кога Божиновска беше предложена за министерка за енергетика. Таа тогаш тврдеше дека веќе не поседува бугарско државјанство, а го имала за нејзината фирма во Хрватска.