Блинкен: Агресијата од Русија ќе донесе сериозни последици за Москва

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

 Секаква обнова на агресијата од страна на Русија ќе има сериозни последици, затоа повикуваме Русија да биде транспарентна, да деескалира и да ги намали тензиите, ова денеска го кажа државниот секретар Ентони Блинкен во пресрет на министерскиот состанок на НАТО во Рига.

– Ескалацијата од страна на Русија ќе стане сериозен проблем за САД … и секаква обнова на агресијата ќе предизвика сериозни последици, изјави Блинкен на заедничкиот прес со Едгарс Ринкевичс, министер за надворешни работи на Летонија.

Блинкен учествува на министерскиот состанок на НАТО што денеска и утре се одржува во Рига.

-Во претстојните денови ќе имаме детални консултации со сојузниците и партнерите во НАТО … за тоа дали има и други чекори што може да ги преземеме како сојуз, за да се засили нашата одбрана, да се засили нашата издржливост, да се засили нашиот потенцијал, истакна државниот секретар.

Заканите од Русија и Белорусија беа во центарот на денешните билатерални разговори меѓу Блинкен и премиерот на Летонија Кришјанис Каринш.

Од Стејт Департментот јавија и дека во пресрет на средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, Блинкен истакнал дека на министерскиот состанок ќе се дискутира за широка лепеза на прашања.

– Ќе зборуваме и за трупањето руски воени сили во и околу Украина, и ќе ја повикаме Русија да биде транспарентна, да де-ескалира и да ги намали тензиите, кажал Блинкен пред средбата со Столтенберг.

Ќе се дискутира и за „нечовечката употреба на ранливи луѓе од страна на режимот на Лукашенко, да се предизвика притисок врз други земји на границата со Белорусија и неколку НАТО сојузници“.

На состанокот исто така ќе се дискутира и за Авганистан и за лекциите научени од таму, соопшти Стејт департментот.