На сите транспортери и превозници кои вршат транспортна дејност и поседуваат сертификати за професионални возачи, во следниот период им се овозможува по брза лента да можат да ги заменат своите патни документи, истакна денеска во Штип, министерот за транспорт и врски во техничката Влада, Благој Бочварски кој имаше средба со претставниците на транспортните фирми во источниот регион.
Тој посочи дека оваа мерка беше договорена по барање на Министерството за транспорт и врски и здруженијата и асоцијациите на транспортери и превозници на Република Северна Македонија, а во соработка со Министерството за внатрешни работи.
Бочварски посочи дека во однос на дозволите, лиценците и изводите од лиценци, Министерството за транспорт и врски навреме ги замени сите потребни документи, што им се потребни на домашните транспортери за непречено одвивање на меѓународниот транспорт.
На средбата покрај министерот Бочварски беа присутни и претставници од Секторот за патен сообраќај при Министерството за транспорт и врски, Биљана Муратовска од Асоцијацијата на транспортери МАКАМ ТРАНС, Оливера Миовска од Асоцијацијата БЕСТ МОБИЛИТИ – НТА, како и претставници од Управата за јавни приходи и од Царинската управа.
Министерот Бочварски истакна дека транспортот е една од најзначајните гранки која учествува во брутодомашниот производ и од тие причини е многу значаен нејзиниот развој и одржливост. Притоа потенцираше дека Министерството за транспорт и врски секоја година ги зголемува меѓународните дозволи за транспорт.
-Драго ми е што се собравме сите денеска на оваа регионална средба за да поразговараме за сите отворени прашања во однос на транспортната дејност во земјата. Покажуваме посветеност и даваме поддршка за понатамошен развој на домашниот и меѓународниот транспорт, а доказ за тоа е решението кое го изнајдовме за обезбедување брза лента за издавање и менување на патните документи за сите транспортери и превозници кои поседуваат сертификати за професионални возачи, бидејќи транспортот не смее да застане и економијата мора да продолжи да расте. Министерството за транспорт и врски останува силен партнер на домашните транспортери, продолжуваме заеднички во обезбедување на подобри услови за функционирање на транспортната дејност, вели Бочварски.