Болница Плодност: Во сообраќајката кај Прилеп загубивме врвен радиолог, гинеколог и радиолошки техничар

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Утрово во тешка несреќа на патот Прилеп – Битола на излезот од градот, во близина на селото Лагово, загинаа три лица.

Според информациите се работи за двајца лекари и техничар вработени во приватната болница Плодност.

Од таму објавија и соопштение со фотографии од загинатите.

Велат дека со длабока болка, тага и неизмерна жалост, ја примиле веста за тешката загуба на нивниот медицински персонал.

„Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава, доаѓајќи на своите работни места од Прилеп. Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница Плодност со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги“, велат од болницата.

Прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница Плодност, порача дека секој од нив имал посебно место во болницата, но и во нивните срца.

„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Трпчевски.

Со соодветен комеморативен настан, Болница Плодност ќе им оддаде почит на трагично загинатите колеги.