Еден ден пред почетокот на средбата на министри за надворешни работи на НАТО, на прашање на ТВ21 во врска со хибридните напади и лажните аларми за бомби со кои во последно време се соочуваше Северна Македонија, Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека НАТО и дава на земјава техничка поддршка во борбата со хибридните закани и дека сојузниците нудат поголема соработка за надминување на овие проблеми.
Следува прашањето на ТВ21 од Северна Македонија.
Бесир Арифи, ТВ21 – Северна Македонија: Господине генерален секретар, пред извесно време тим од експерти на НАТО, предводени од г-дин Апатураи, го посети Скопје по хибридните напади врз виталните институции во Северна Македонија и лажните аларми за бомби. Тој исто така рече дека Северна Македонија не е сама во решавањето на овој проблем и дека НАТО дава поддршка. Можете ли да ни кажете за каква поддршка се работи и какви заклучоци имаме од оваа посета?
-Во однос на посетата на претставници на НАТО во Скопје, со Владата на Северна Македонија договоривме низа чекори. Ова се краткорочни и долгорочни чекори што сојузниците на НАТО можат да ги преземат за да ја поддржат Северна Македонија во одбраната од хибридните кампањи со кои се соочува. Неодамна разговарав за ова со премиерот на Северна Македонија и се разбира дека НАТО е таму за да ги поддржи сојузниците, што сега го прави со Северна Македонија која се соочува со различни хибридни закани. Поддршката што сојузниците се подготвени да и ја дадат на Северна Македонија е техничка поддршка и посилна соработка за борба против дезинформациите. Би сакал да и честитам на Владата на Северна Македонија за брзата и детална работа во развојот на програмата за соработка што ја договоривме.“, рече Столтенберг.