Бројот на загинати во поплавите и свлечиштата во Непал се искачи на 148

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Бројот на загинати во поплавите и одроните предизвикани од монсунските дождови во Непал се искачи на 148, соопштија во неделата тамошните власти.

Се трага по уште најмалку 55 лица, јавува ДПА. Обилните врнежи од дожд кои започнаа кон крајот на четвртокот зафатија поголем дел од државата, а особено беа обилни во источниот и централниот дел на државата.

Портпаролот на непалската полиција Дан Бахадур Карки изјави дека најмалку 101 лице се повредени низ целата земја од петокот.

„Потрагата по исчезнатите продолжува, а погодените семејства се преместени на безбедно. Ова веројатно ќе продолжи уште неколку дена“, рече тој.

Евакуирани се 3661 лице

Од саботата вечерта, тимовите за пребарување пронајдоа најмалку 35 тела во автобуси затрупани под лизгање на земјиштето околу Катманду. Непалската полиција соопшти дека се евакуирани вкупно 3.661 лице.

Повеќе од половина од жртвите се во главниот град Катманду и околните области.

Локалните медиуми пишуваат за најсилниот дожд во последните децении. Врнежите значително ја оштетија инфраструктурата, вклучувајќи патишта и мостови. Владата одлучи да ги затвори сите училишта на три дена.