Бугарија не прифаќа посредништво – Мицкоски: Подготвен сум за разговори со Бугарија, но не со уцени

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Бугарското МНР и официјално реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за посредување на Унгарија за отворените прашања со Бугарија за кое истакна дека европската интеграција не дозволува посредување меѓу Европската унија и земја кандидат. Во соопштението се наведува дека континуираните изјави на македонските претставници го доведуваат во прашање принципот pacta sunt servanda односно на исполнување на своите обврски согласно договорот.

„Потсетуваме дека Скопје го декларираше својот главен надворешно-политички приоритет да се приклучи кон европското семејство на вредности и правила. Тоа подразбира строго придржување кон добро познатите обврски. Процесот на европската интеграција се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу Европската унија и земја кандидат. Единствена гаранција за успех е исполнувањето на поставените критериуми и услови.“, велат од МНР на Бугарија.

На ова Мицкоски одговори дека понудата од Орбан е од позиција на претседавач со Европската унија. Истакна дека е подготвен да разговара со Бугарија, но не со уцени и ултиматуми.

„Она кое што беше понуда од моменталниот претседавач на Европската унија, а тоа е претседателот на унгарската Влада, господинот Виктор Орбан е во име на претседателствувањето со Европската унија. Сега треба да видиме кој во Бугарија какви сигнали, некои испраќаат едни сигнали, други испраќаат други сигнали, кај нас сигналот е јасен сакаме решение кое што ќе биде достоинствено. Уцени и ултиматуми не прифаќаме.“, вели Мицкоски.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на парламентарното заседание на Советот на Европа рече дека нема ниту еден случај на повреда на бугарското малцинство во Македонија. Запрашан од бугарски пратеник, кога Македонија ќе ги исполни уставните измени Муцунски со контра прашање, уште колку уставни измени треба да се направат и дали некој може да гарантира дека тоа е последната уставна измена што ќе се бара за членство во ЕУ.

„Замислете го разочарувањето кај држава која има побарано се што од неа било побарано само за да и биде кажано дека целта се уште не е на дофат. Како да ја одржувате надежта кога чувствувате дека принципите зад кои стои Унијата – солидарност, правда и единствено не се применува еднакво. Имаме издржано длабоки неправди на овој пат. Поминавме низ промена на име, идентитетски дебати и историски спорови само за да ги исполниме барањата кои беа дадени пред нас.“, рече Муцунски.

Во интервју за Гласот на Америка, Џејмс Џонс, поранешниот советник на екс претседателот Обама вели дека би било паметно Македонија да ги исполни тоа што Европската унија го бара, иако рече не разбира зошто Бугарија има збор во тоа. Тој е убеден дека Македонија сепак ќе биде примена во Европската унија.