Со прифаќањето и потпишувањето на францускиот предлог, на Бугарија ќе и се даде можност да прави ревизија во делот на македонската антифашистичка историја во кој се оправдува бугарскиот окупатор, смета историчарот д-р Александар Литовски. Тој вели дека ќе мора да се бришат споменици и да се менуваат учебниците по историја, затоа што Бугарија тоа го смета за говор на омраза.
„Најдобро би било деловите што се однесуваат на историските прашања и образовните прашања и мислам дека нема да има голем проблем после тоа да се усвои. Впрочем историските и образовните прашања се дел од Договорот за добрососедство и пријателство и за нив расправа историската комисија и нема потреба да влегува во некаков протокол сето тоа“, вели д-р Александар Литовски.
Спротивно на ставовите на историчарите, претседателот на државата Пендаровски вели дека ниту еден билатерален договор не може да доведе до „бугаризација“ на населението.
„Не постои во историјата на светската дипломатија особено во помодерна изминатиов век или два дека со билатерален или мултиратерален договор некој направил преку ноќ цел еден народ со друга етничка идентификација. Ниту тоа овој предлог го заговара ниту може да го заговара, ниту некој нормален би преговарал ако воопшто има такви намери било која од страните кои беа инволвирани во правењето на овој француски предлог не само Бугарите“, посочи Стево Пендаровски.
Експертите ја повикуаа власта да не брза со потпишувањето на овој протокол и да организира јавна и сеопфата расправа, затоа што како што велат може да доведе до тензии и да предизвика криза во државата.
„Навистина предизвикува ризик за натамошни тензии коишто можат да бидат навистина за нашата држава посебно осетливи. Затоа мислам дека власта е посебно одговорна во овој момент да ги спречи таквите можни кризи особено со тоа што нема да го потпише протоколот набрзина“, порача д-р Малинка Ристевска Јорданова.
Францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија ја подели македонската јавност. Дел од граѓаните сметаат дека истиот треба да се прифати и да започнат преговорите со Европската Унија, други пак велат дека Власта треба да каже „НЕ“ и истиот да го отфрли.
Мартин Николовски