„Чисти сме како солза“ – Јакимовски до новинарите: Смешни сте!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Чесно и поштено сме работеле и јас и моите вработени, чисти сме како солза и тоа ќе го докажеме-изјави Стевчо Јакимовски откако рочиштето против него беше одложено. На новинарско  прашање како ќе ги менаџира обврските во општината со појавувањата на суд, вели дека има капациетет за повеќе работи и дека е организирам. Рочиштето за предметот во кој актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, што требаше да се одржи денеска, е одложено. Сепак, прашањата на новинарите за него се смешни.

„Смешно ви е прашањето секогаш сме се јавувале на сите рочишта и секогаш сме биле присустни. И на сите рочишта ќе присуствувам“, истакна Стевчо Јакимовски.

Како што потврдија од Основниот кривичен суд – Скопје, обвинетиот Стевчо Јакимовски, до Судот приложил документација дека целото семејство на неговиот адвокат е позитивно на Ковид-19 и затоа и тој во моментов се наоѓа во изолација.

Од Судот дополнуваат дека поради заштита од ширење на коронавирусот, судијата Осман Шабани го одложи рочиштето за 23 ноември. Но, за Јакимовски присуството на новинарите е како што вели оркестриран напад против него.

„Очигледно оркестрирано од еден центар сте дошле сите како медиуми. Јас ги почИтувам медиумите меѓутоа јас на овие врати сум повеќе од 2 години, медиум не видов. Сега изгледа некому  тешко му паѓа победата што ја имам и ова е лошо за сите“, посочи Стевчо Јакимовски.

Според обвинението, во периодот од 2011 до 2017 година, како службено лице – градоначалник, Јакимовски во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија.