На првиот состанок на лидерите на ВЛЕН и премиерот Мицкоски, се разгледуваа предлози за замена на одредени министри. ТВ21 неофицијално од владини извори дознава дека предлог на ВЛЕН за министер за екологија е Мухамед Хоџа, кој треба да го замени Изет Меџити во овој ресор, откако тој беше избран за градоначалник на општина Чаир. Хоџа претходно бил владин портпарол како предложен од ДУИ кога интегративците беа во коалиција со СДСМ. Дали ќе биде прифатен овој предлог од Мицкоски, се очекува да се види по завршувањето на состанокот.
Неофицијално, реконструкцијата може да опфати и на заменици-министри, каде во МВР наместо Астрит Исеини, се предлага Беким Рамадани.
Пратеничката Саранда Имери од ВЛЕН во емисијата „Ајде да зборуваме“ изјави дека анализите за новите имиња на министрите се вршат врз основа на перформансите на сегашните министри.
„Во јавноста во последно време се појавуваат различни информации за замени на некои министри со нови имиња. Овие имиња не се само од коалицијата VLEN, туку и од ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека секоја политичка партија и секој лидер во рамките на владината коалиција ги направиле своите анализи и на крајот треба да дојдат до заклучок врз основа на перформансите на министрите кои ги раководат различните ресори“, вели Саранда Имери од ВЛЕН.
Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, рече дека комуникацијата продолжува и дека е уверен дека ќе се постигне договор. Во врска со распределбата на ресорите, нагласи дека сите коалициски партнери треба да го имаат предвид принципот квалитет пред квантитет.
„Уврен сум дека во наредните денови ќе се постигне договор кој ќе ја зголеми ефикасноста на Владата. Една работа која премиерот ја истакна неодамна, дозволете ми и јас да ја нагласам, е дека не се работи за бројот на места за коалицискиот партнер, туку за капацитетот на индивидуите – нивното знаење и искуство и како тие ќе придонесат за институциите кои сакаат да ги водат. Помалку да се фокусираме на квантитет, повеќе на квалитет“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и трговија.
По локалните избори, премиерот Христјан Мицкоски најави дека ќе има реконструкција на Владата. Во актуелниот кабинет, 15 министри се од ВМРО-ДПМНЕ, 6 од ВЛЕН и 2 од ЗНАМ. Сè уште не е познато кои заменици-министри ќе бидат променети, но сите страни најавија дека ќе останат во рамките на коалициските договори од формирањето на Владата.
