Деспотовски, Петровска, Богоев, Филипче… кој друг? – Ковачевски поднесе оставка, во јуни конгрес за претседател на СДСМ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Новинар: Мислите 12 години премиер да бидете?

КовачевскИ: Апсолутно..

Новинар: Значи овие 2,5 да ги истерате, па да победите на нови избори, па…

Ковачевски: Така, па а на уште едни…

Новинар: Па на уште едни…

Ковачевски: Така е…

Но, наместо 12 години, по две ипол години заврши премиерскиот мандат на Димитар Ковачевски. Му заврши и претседателската функција во СДСМ, откако синоќа на седницата на Извршниот одбор поднесе оставка.

Во писменото образложение испратено до медиумите, за лошите резултати Ковачевски не ја гледа вината во неговото лидерство, туку кај други лица.

На парламентарните и претседателските избори СДСМ доживеа пораз, со што му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите, дел од сегашните, како и од доскорешни членови на партијата организирани во друг политички субјект, а стимулирани и од поранешни носители на високи партиски функции“, вели Димитар Ковачевски.

За разлика од премиерската, на претседателската функција во СДСМ, Ковачевски би можел брзо да се врати. Во јуни ќе се одржи Конгрес на кој ќе се бира новиот претседател. Според засега непотврдени партиски информации, можно е Ковачевски да се кандидира повторно.

 Но, се очекува да има поголема конкуренција за разлика од претходниот пат кога победи во трката со Фросина Ременски и Јован Деспотовски. Токму Деспотовски во интервју за ТВ24 потврди дека сриозно размислува повторно да се кандидира. Кандидатура најавува и досегашниот потпретседател Стефан Богоев. Во изјавата за БИРН вели дека ги исполнува условите за оваа функција.

Сметам дека сум способен за лидер на СДСМ, а наскоро ќе одлучам дали ќе тргнам по тој пат сега. Најбитно е партијата да избере тим што ќе го зачува јадрото на СДСМ, а не само претседател“, вели Стефан Богоев.

Кандидатура најави и Славјанка Петровска, а според партиски извори, кандидатура се очекува и од поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој важи за близок човек на Зоран Заев.

Инаку, синоќа Членовите на Извршниот одбор, како и членовите на целото раководството на СДСМ, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациониот секретар, секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите.