Децата го преземаат Собранието – настан на високо ниво по повод Светскиот ден на детето

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На Светскиот ден на детето, УНИЦЕФ и Собранието на Северна Македонија организираа настан насловен “Децата го преземаат Собранието“ на кој децата и младите пред народните избраници ги претставија своите најгорливи прашања, потреби и гледишта.

Над 50 деца и млади на возраст од 14 до 19 години од целата земја го презедоа водењето на собраниската седница на која се зборуваше на три теми коишто децата ги одбраа како најважни. Меѓу нив беа прашањата за квалитетно образование, состојбата со менталното здравје и учеството на децата во донесувањето одлуки што го засегаат нивниот живот.

Пред почетокот на седницата претседателот на Собранието Талат Џафери и претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани дадоа воведни обраќања.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, рече дека жали што возрасните не изградиле побезбеден свет за сите деца, свет во кој ниту едно дете нема да биде лишено од семејната топлина, мирен сон во својот дом, топол оброк и квалитетна здравствена нега.

“Денес, ние возрасните, ќе слушаме внимателно што ќе споделите и ќе се насочиме кон подобрување на состојбите во образованието, менталното здравје и учеството во креирање на политики. Ниту едно дете не смее да биде надвор од образовниот систем. Сметам дека вашето учество во крирање на политики ќе внесе свежина. Ве поддржувам во исполнување на целта, формирање на национално Собрание со млади, кое ќе биде моторот за креирање на младински политики на најдобар начин“, рече Џафери.

“Веројатно еден од најважните чекори на напредок што ние како земја можеме да ги направиме е да им дадеме на децата простор да бидат дел од решението и дел од демократската дебата на теми што ги засегаат. Унапредувањето на правата на секое дете – без оглед каде живее и кое е тоа дете – е неопходно за децата денес, но исто така претставува најдобар начин да се изгради помирен, понапреден и поправеден свет за сите,“ рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Овој настан претставуваше можност Собранието да ги обнови меѓу-партиските заложби за работа во насока на унапредување на правата на децата и разгледување на некои од препораките од последните Заклучни согледувања на Комитетот за правата на децата. За децата присуството во Собранието претставуваше и запознавање со законодавната улога на Собранието и неговото целокупно функционирање.

На крајот од седницата децата ги пренесоа заклучоците што произлегоа од нивната работа во тематски групи.

Во областа на образованието тие заклучија дека е потребно зголемување на инвестициите во училишната инфраструктура, во обучувањето на наставниците, и во обезбедувањето модерни учебни средства.

Децата нагласија дека е важно инклузивното образование и поддршката на различните стилови на учење согласно потребите на учениците, како и овозможувањето критичко размислување и креативност во наставата. Во делот за поддршка и обука на наставниците, побараа акцентот да се стави на стимулирање на нивната креативност при ангажирање во учењето како и непосредно учество на учениците во образовниот процес во кој ќе се слушне нивното мислење, ќе се одговори на нивните индивидуални интереси и ќе се поттикне критичкото размислување на учениците.

Во Заклучоците за состојбата со менталното здравје на децата и младите, децата побараа подигање на општествената свест и поголемо информирање за менталното здравје во училиштата и меѓу родителите; педагошко унапредување на наставниците и ангажирање на повеќе стручни лица во секое училиште и воведување задолжителни часови за ментално здравје во наставната програма. Тие исто така побараа постојана линија за поддршка на деца и млади и обезбедување матичен психолог за младите.

Еден од главните заклучоци во областа на учество на децата и младите во креирањето политики беше потребата од измени на Законот за младинско учество и младински политики со кои секоја образовна институција ќе биде обврзана да ги запознае учениците со сите начини на младинско организирање и целосно ќе се спроведе Законот во делот за формирање Национално собрание за млади. Исто така децата заклучија дека е потребно усогласување на Законот за средно образование, со што од секое училиште ќе се бара формирање на младинска организација/ученички парламент. Побараа и зголемување на процентот што се одвојува од Бруто Домашниот Производ за проекти насочени кон младите; основање Младинска канцеларија во рамките на Собранието и воспоставување младинска квота во Собранието.

Оваа година земјата одбележува 30 години од ратификувањето на Конвенцијата за правата на децата и 30 години од работата на УНИЦЕФ.

Светскиот ден на детето е ден за акција од децата за децата на глобално ниво, што се одржува секоја година на 20 ноември, на годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на децата.