Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во денешното гостување во „Студио 10“ на телевизија 24 потенцираше дека на Македонија и е потребна целосна филтрација на најголем број од кадрите кои се платени од страна на граѓаните преку буџетот.
„Македонија го помина периодот на транзиција или стареење на демократијата. Македонија помина полнолетство и недозволиво е денеска ние да објаснуваме во јавноста што е тоа демократија. Кај нас демократијата во одредени моменти или се лажира, или е фалшлива, лажна од страна на тие што ја спроведуваат, бидејќи има голем број на злоупотреба на јавните и државните функции од страна на избраните личности, значи се контролира гласачот“, рече Димитриевски.
Во однос на граѓанската иницијатива, Димитриевски истакна дека целта е да се вратиме на крушевските и асномските корени, да се крене идеологијата во оваа држава, бидејќи политиката се транформираше во класичен бизнис интерес од којшто граѓаните се максимално разочарани.
„Немате политички субјект, движење како и да сакате да го наречете доколку немате идеологија, а всушност и државата почива на одредена идеологија. Тргнавме Куманово, Прилеп, потоа во Крушево, се проширивме во Тетово, сега планот е во Кочани, потоа уште во некој град во источна Македонија. Кога ќе дојдеме до бројка од некаде 20тина организации, невладини здруженија така ги нарекуваме во моментов низ Македонија ќе дојдеме и во Скопје и ќе ги поканиме скопјани да дадат поддршка на нешто што има за цел да ги промени работите на подобро во државата и се надевам ќе успееме во тоа“, посочи Димитриевски.