Димитров на The Economist: Дури и најстриктните земји членки на ЕУ се согласни дека Македонија ги исполни сите услови и поддржуваат неодложен почеток на пристапни преговори

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска беше говорник на панелот „Визија за Европската Унија и Западниот Балкан – Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: зошто е тоа критично за иднината на Европа?“, а во рамки на вториот по ред Самит на Западен Балкан што се одржува во Скопје во организација на лондонски The Economist.

Главниот фокус на дискусијата беше ставен на важноста на зајакнување на односите меѓу Европската Унија и Западниот Балкан преку кредибилна политика за проширување на ЕУ со земјите од регионот, како прашање што е од клучна важност за иднината на Европа.

Вицепремиерот Димитров посочи дека за остварување на визијата за заедничка европска иднина потребни се функционален процес на пристапување и силно политичко ветување надополнето со конкретен исчекор.

Димитров: „Доколку проширувањето се изземе од односите меѓу Европската Унија и регионот, тогаш на сцена доаѓаат други алтернативи какви што имавме во 90тите години, кои не носат мир, просперитет и стабилност. Ангажирањето на ЕУ за овој регион да стане навистина европски, во градењето силни демократии, владеење на правото и справување со корупцијата е многу поисплатлива инвестиција отколку неговото занемарување. За враќање на надежта на граѓаните дека европската иднина е остварлива, покрај политичко ветување потребен е и конкретен исчекор. Комплетирана Европска Унија со земјите од регионот значи подобра и посилна Унија, ние сме дел од европската куќа. Мораме да работиме на надминување на економскиот јаз и да најдеме механизам да го одржуваме процесот на трансформација.“

Во таа смисла, Димитров нагласи дека за европското досие на Северна Македонија има согласност од сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија поради што повика на одговорност и лидерство.

Димитров: „Европската Унија е сложен ентитет и сите напори и заложби за креирање функционална политика на проширување можат да бидат блокирани со противење од една земја, и тоа од причини кои не се во согласност со европските вредности на кои се заснова процесот. Во однос на Северна Македонија, постои согласност од сите земји членки на ЕУ дека условите за почеток на пристапни преговори се исполнети и немаат никакви дилеми дека е крајно време тоа да се оствари – дури и од оние кои се најстриктни во тој поглед. Затоа е потребно Бугарија да преземе одговорност и да покаже лидерство за градење на заедничката иднина. Треба да постигнеме прифатливо решение во согласност со европските стандарди и вредности, кое ќе го почитува достоинството на македонските граѓани. Да се биде земја членка на ЕУ не подразбира дозвола за поставување секакви услови – тие мора да се согласно европските вредности, ако зборуваме за пристапниот процес.“

На панелот учествуваа и поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу – актуелен претседател на Социјалистичката интернационала, поранешниот германски вицеканцелар и МНР Јошка Фишер и ЕУ амбасадорот Дејвид Гир.

Јоргос Папандреу истакна дека земјите од регионот секогаш делеле заедничка заложба за градење просперитетна иднина, мир и стабилност и токму европската перспектива е рамката за остварување на оваа визија. „И покрај поделбите и конфликтите, Балканот и тоа не само она што денес е Западен Балкан, отсекогаш споделувал визија да работи заедно за унапредување на мирот и хармонијата. Оваа заложба доби конкретна димензија во 2003 година во Солун и тоа преку европската перспектива. Мислам дека нема друг начин како тоа да се оствари и затоа Европската Унија исто така има голема одговорност како гарант на оваа заедничка иднина.“

На овие ставови се надоврза и поранешниот вицеканцелар Фишер којшто подвлече дека овој регион природно припаѓа на Европа и неговата иднина е во Европската Унија: „Мирниот политички поредок на овој регион е врзан со европската интеграција, Европската Унија се соочува со многу предизвици и кризи, но токму регионот може да ја зајакне стратешката автономија и да помогне во справувањето. Но и регионот треба да работи посветено на процесот и да ги искористи придобивките.“

ЕУ амбасадорот Гир нагласи дека на минатонеделниот Самит ЕУ – Западен Балкан бил испратен јасен политички сигнал за европската иднина на регионот во Европската Унија преку проширувањето: „Во Брдо беше истакната заедничката визија за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ преку трансформација базирана на споделените европски вредности. Ниту една политика на ЕУ не е адекватна доколку не го вклучува и регионот, причините за тоа се географски, но и економски и политички, пред сé е потребно заемно справување со предизвиците.“