Економистот Зоран Јовановски во отвореното студио на ТВ21: За Македонија е сеедно, но за ЕУ е подобро да победи Трамп

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Отворено студио за изборите во САД вечерва на ТВ21. Имаме гости од различни области, и се разбира и од економијата.

Со економистот Зоран Јовановски дебатиравме за економијата на САД со Трамп и со Харис, а исто така Јовановски одговори на прашањето кој е подобро да победи во однос на економијата на Македонија.

„Економските мерки не само на Балканот и во Македонија, релација на економијата на САД во периодот кој следи треба да се гледа низ призмата на безбедноста, и тоа е она кое одредува. Светот се движи по таа патека на „наши и ваши“, и секој се определува каде ќе биде и така ќе функционира глобалната економија.

Ако победи Харис, Украина останува во фокусот, и она што е моменталната ситуација во односите со Русија, и тоа ќе прави притисок на европската економија, и на некој начин на Германија. А, да не заборавиме дека ние 44% продаваме во Германија, за нас е екстремно важно во Германија што се случува, и тој еден стрес би продолжил.

Доколку победи Трамп, фокусот ќе се измести, и мислам дека неговата администрација ќе преземе некакви чекори она што се случува во Украина и Русија релативно да се стабилизира и да се стави крај на конфликтот, и фокусот ќе се префрли на Кина, како главен противник на позицијата на САД, и во тој случај може да се очекува дека некоја точка со потенцијал да предизвика кризни состојби е Тајван и тој дел од светот. Во тој случај ЕУ би била во порелаксирана ситуација, а кризата би се префрлила подалеку од нас, и тоа има одредени импликации низ ЕУ и низ сите што тргуваат.

Во однос на Балканот повторно низ оваа диоптриа на сигурност, без разлика кој ќе победи, определба ќе биде да се држат мирот и стабилноста. Да се минимизира влијанието на Кина, да се минимизира регионот на енергенси од Русија, и да се зголемува соработката со САД колку што може повеќе.  

Во однос на Македонија, мислам дека нас САД не се доминатнтен трговски партнер, но треба да ја зголемиме соработка. Треба да размислиме како да ја спроведуваме онаа обврска 2 проценти кон НАТО, потоа од каде и што купуваме и колку, и мислам дека тоа има пошироки импликации, и тука вреди да се размисли. Инаку мислам дека која опција и да биде, еден процес кој е започнат во земјава, за кој мислам дека добар дел од луѓето не го перципираат така, ќе продолжи, а тоа е процес на едно чистење на просторот, битка против корупцијата, елиминирање на се што може да биде било каков тероризам, и во тој контекст што се нарекува скрининг механизам за странски инвестиции, затоа што некој од нив доаѓаат да го кородираат системот внатре, а не од економски причини. Затоа за нас е сеедно, бидејќи кој и да победи, ова ќе бидат нашите клучни цели во иднина“, рече Јовановски.