Експлозија урна зграда во јужна Франција – се трага по исчезнати

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Експлозија рано утринава уништи трикатна станбена зграда на францускиот брег на Медитеранот, четири лица се водат за исчезнати, а четворица се повредени.

Пожарникарите под урнатините од зградата трагаат по преживеани.

Властите во јужниот регион Вара соопштија дека едно од повредените лица е извлечено од под урнатините и е во критична состојба, додека тројцата други  побарале итна медицинска помош по експлозијата што рано утринава се случи во крајбрежниот град Санари-сур-Мер.

-Четири лица се водат за исчезнати и се стравува дека ќе останат затрупани под купот урнатини, соопштија локалните власти во Вара.

Засега не е позната причината за експлозијата, но властите во Вара соопштија дека оние кои дошле на местото на настанот прво почувствувале силен мирис на гас.