Енергетско поврзување на Македонија и Србија – Мицкоски: Да бидеме раскрсница за централна Европа

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Македонија да биде раскрсница на овој дел од Европа на три клучни сегменти патна, железничка и енергетска инфраструктура. Ова според премиерот Христијан Мицкоски е стратешката цел на оваа Влада, а проектот за гасно поврзување со интерконекторот во Грција за кој со српскиот премиер Милош Вучевиќ кој е во посета на земјава, денеска потпишаа заеднички меморандум, е едно од тие цели. Со ова ја намалуваме зависноста од рускиот гас, а како транзитна држава ќе обезбедиме дополнителна опција на Централна Европа за снабдување со гасот, истакна Мицкоски.

-Зборувавме во делот на енергетското поврзување на двете земји, посебно ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор кој ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со која што конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување со гас на Централна Европа овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Српскиот премиер Вучевиќ рече дека за нив е многу важно да се обезбеди нов пат за снабдување со природен гас.

-Србија преку Северна Македонија добива уште една линија во снабдување со природен гас тоа е врска преку Северна Македонија кон Грција кај Александрополис кај пристаништето во Грција, од каде што стигнува гасот, од каде се стигнува не сакам да прејудицирам и секако да ја спроведена она што е наша стратешка цел во Република Србија да имаме диверзификација на извори на снабдување со природен гас преку Северна Македонија. И тоа што премиерот го рече за паралелно да се работи и нафтовод и да ја добиеме и таа можност на снабдување со нафта, изјави премиерот на Р.Србија, Милош Вучевиќ.

Покрај за енергетската поврзаност станало збор и за поврзувањето во делот на патната и железничката мрежа, односно брзата пруга од Коридорот 10 што е важно поврзување од Виена до Атина. Истовремено приоритет е и поврзувањето со Коридорот 8. Мицкоски и Вучевиќ се договорија за одржување заедничка владина седница која треба да се одржи во Ниш.