Американскиот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека вечерва е постигнат тежок, но неопходен договор меѓу Белград и Приштина.
„Без помошта на нашиот сојузник Северна Македонија, ова не би можело да се организира. Ова е само уште еден пример за тоа како тие се сигурен партнер за САД и Европската унија за постигнување регионална стабилност. Им честитам на двете страни што постигнаа тежок, но неопходен договор за да се постигне мирен однос. Ова сега ја отвора вратата за подобра и поголема европска интеграција. Го ценам големиот напор и работа на нашите европски колеги. САД ветуваат дека ќе помогнат во спроведувањето на договорот“, рече тој во Охрид.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, претходно изјави дека Косово и Србија се договориле за анекс на договорот за патот кон нормализација на односите и нагласи дека двете страни ќе бидат обврзани со договорот, кој ќе биде дел од нивниот европски пат.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти претходно денеска се сретнаа одделно со Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, а потоа беше одржана и трилатерална средба. Маратонските разговори траеа речиси 12 часа.