Јужна Кореја и Европската унија во понеделникот заеднички го осудија фактот дека Северна Кореја ја снабдува Москва со оружје и побараа да ги повлече војниците што ги испрати таму додека Русија е во војна со Украина.
ЕУ и Јужна Кореја го одржаа првиот состанок за „стратешки дијалог“ во Сеул, веднаш откако Вашингтон и Сеул го предупредија светот за фактот дека Северна Кореја испраќа војници да и помогне на Русија.
Во заедничката изјава, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и јужнокорејскиот министер за надворешни работи, Чо Тае-Јул, ги осудија „нелегалните трансфери на оружје на Северна Кореја за Руската Федерација за употреба во нападите врз Украина“. Тие побараа прекин на „нелегалната воена соработка“ и повлекување на севернокорејските воени сили.
Борел се сретна и со јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Јонг-Хјун.
„Руската агресија против Украина е егзистенцијална закана“, напиша Борел во објавата на „Х“, покрај фотографијата на која се ракува со Ким.
„Република Кореја може најдобро да го разбере тоа. Ние сме обединети за поддршка на Украина“. Двете земји потпишаа и документ за безбедносно и одбранбено партнерство кој опфаќа 15 области. Меѓу нив се сајбер безбедноста и разоружувањето.
Минатата недела, на новинарско прашање дали Сеул може да испрати оружје во Украина како одговор на фактот дека Северна Кореја и помага на Русија, Чо одговори дека се разгледуваат сите можни сценарија.
Јужна Кореја и обезбеди на Украина помош без оружје, вклучително и опрема за разоружување мини, но го одби барањето за испраќање оружје.
Сеул очекува Северна Кореја да добие компензација од Москва во воена и цивилна технологија бидејќи се обидува да лансира сопствен шпионски сателит и да ги надгради ракетните капацитети на земјата.
Минатата недела Северна Кореја ја покажа својата воена моќ со тестирање на голема нова интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво наречена Хвасонг-19.
Вашингтон очекува дека севернокорејските трупи наскоро ќе влезат во борба против украинските сили во руската област Курск, чиј дел беше окупиран од Украина, изјави минатата недела американскиот државен секретар Антони Блинкен.
Шефот на севернокорејската дипломатија Чое Сон Хуи за време на разговорите одржани во петокот во Москва изјави дека нејзината земја ќе ја поддржува Русија додека не постигне победа над Украина.