Фетаи: Неселективна и примерна правда за кривични дела говор на омраза и нетрпеливост

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потпретседателот на Владата на Македонија, одговорен за политиките на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска го осуди палењето на македонското и албанското знаме, опишувајќи ги како кукавички чинови, кои сведочат за опасниот раст на нетрпеливоста и екстремизмот во општеството, пренесува ТВ21.

„Ваквите акти на омраза и етничка поделба и штетат на стабилноста на државата и ја загрозуваат иднината на нашето мултиетничко општество“, пишува вицепремиерот Фетаи на својот Фејсбук профил.

Фетаи оценува дека сквернавењето на знамињата не се изолирани инциденти, туку сведочат за ескалација на говорот на омраза и екстремизмот присутен на јавниот простор, кој поттикнува омраза и нетрпеливост.

„Колку казни досега се изречени за екстремистите кои бараат гасни комори за Албанците или навиваат дека добриот Албанец е мртов Албанец?“, прашува Фетаи, додавајќи дека клеветничката атмосфера ја подгреваат екстремистички и корумпирани политичари, кои манипулираат и индоктринираат граѓани за нивните лични интереси.

Тој повикува на единство против екстремизмот и одговорност за секое кривично дело говор на омраза или нетолеранција на национална основа.

„Правдата мора да биде непристрасна и примерна – селективната одговорност само ги продлабочува поделбите и произведува повеќе омраза“, нагласува Фетаи, повикувајќи на замена на омразата со дијалог и на одговорност на сите екстремистички и дестабилизирачки актери.