Министерот за правда Игор Филков во интервју за МИА соопшти дека се финализира Кривичниот законик по што ќе биде доставен во владина процедура.
,, Во моментов се врши дополнително усогласување со четири нови европски директиви: Директивата за заштита на животната средина преку кривично право (EcoCrime), Директивата за семејно насилство и насилство врз жените, Директивата за поврат на средства и конфискација, како и Предлог-директивата за борба против корупцијата. Овој процес истовремено се одвива и во голем број од државите членки на ЕУ. По финалното усогласување, Кривичниот законик ќе биде доставен во владина процедура. Се утврдува и ново кривично дело во врска со злоупотреба на снимка, фотографија, аудио запис со сексуално експлицитна содржина, каде се инкриминирани и видеа креирани со вештачка интелигенција познати како deep fake. Истовремено се врши и ревидирање на посебните кривични дела поврзани со проектот „Безбеден град“, како што е кривичното дело Безобзирно управување со моторно возило”,вели министерот Филков.
Целта на Министерството за правда е јасна: да создадеме нов, модерен и кодифициран Кривичен законик, во кој ќе бидат инкорпорирани сите релевантни меѓународни стандарди и инструменти, за да се зајакне правната сигурност на граѓаните, а практичарите — судиите, обвинителите и адвокатите да имаат јасен и применлив закон, без недоречености и контрадикторности.
Овој документ ќе биде суштинска трансформација на казненото право: со јасни дефиниции, правична рамнотежа на санкции, елиминирање на правната несигурност и создавање рамка во која селективната правда станува невозможна.
Ова е чекор што ќе ја одбележи новата етапа во реформата на правосудството и ќе ја утврди Македонија како држава што знае да ги следи европските стандарди , но и да гради сопствена правна стабилност.
Министерот Филков се осврна и на најавите за можноста Уставниот суд да донесе мериторна одлука за спорните измени од 2023 година доколку евентуално не се корегираат забелешките со најавеното законско решение.
,,Одлуките на Уставниот суд конечни и извршни. Но, притоа мора да се внимава со изјавите и ставовите за да не се добие впечаток во јавноста дека се користат за дневно политиканство”,потенцира министерот за правда, Игор Филков.
