Граѓаните ги менуваат своите навики и начини на плаќање. Обезбедување на кредити во помали износи, избегнувањето на строгите банкарски процедури и долгите шалтерски редови прават, населението наместо во Банките, финансиските услуги да ги бара кај Финансиските друштва. Во својата анализа, поранешниот Гувернер на Народна банка -Љубе Трпески, за емисијата 21 Минута, вели дека Финансиските друштва во земјава се во експанзија.
„Неколку години по донесување на законот за финансиски друштва до некаде 2013 година, речиси сите, освен две штедилници во државата се трансформираа во финансиски друштва. Зошто тоа го направија ? Тоа го направија за да ја избегнат ригорозната контрола од страна на Централната Банка“, истакна Љубе Трпески .
За да се заштити клиентот, Финансиските друштва мора да го почитуваат Кодексот на однесување. За жал, вели Трпески, дел од нив,иако мал број, ги кршат законските регулативи.
„Внесуваат некои скриени клаузули во договорите кои што обичниот корисник на тој кредит ниту може да ги согледа ниту јасно му ги објаснуваат и потоа тој се соочува со последиците. Тука не треба контролорот а во случајот тоа е Министерството за финансии да чека вие новинарите да укажувате на тие последици, туку треба тие превентивно да делуваат и со ригорозни мерки да ја спречуваат таквата појава“, посочи Трпески.
Трпески укажува дека токму, ваквите финансиски друштва создаваат нелојална конкуренција и го загрозуваат постоењето на останатите финансиски друштва. За да се исчисти теренот од нелојалната конкуренција,поранешниот гувернер советува, дека е потребен висок степен на контрола, која ќе биде независна од политиката. Посочи на примерот со Народната Банка, за која како што објаснува во 21 Минута, се до донесувањето на Законите, била под притисок и обид за мешање на извршната власт. Народната банка сега опстојува бидејќи ја заштитува законот, потенцира Трпески.
Преку кредитите кои ги пласираат меѓу населението, Финансиските друштва ја заживуваат економијата и имаат голема перспектива, вели Трпески во 21 Минута.