ГАК со детали за родилката која почина: Ова ѝ бил четврти царски рез – оперативниот зафат поминал со уреден тек!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај интензивниот медицински третман и вклученост на повеќе специјалисти, 34-годишна пациентка почина на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК), по компликации по извршен царски рез. Случајот е предмет на внатрешна анализа, а телото е предадено на обдукција.

Од клиниката информираат дека на 27.02.2026 година пациентката, во 38-та гестациска недела од петтата бременост, била породена со четврти по ред царски рез, поради претходно извршени три оперативни породувања. Претходно ѝ биле објаснети сите ризици поврзани со нова бременост, наведуваат од ГАК. Оперативниот зафат поминал со уреден тек.

По породувањето, пациентката била префрлена на Одделението за постоперативна интензивна нега, каде се пожалила на силна градна болка. Веднаш бил повикан анестезиолог, по што биле преземени мерки за срцево-белодробна и мозочна реанимација. Според клиниката, виталните функции биле стабилизирани.

Потоа пациентката била сместена на Одделението за интензивна нега и реанимација, со механичка вентилација и континуиран инвазивен и неинвазивен кардијален и респираторен мониторинг. Во третманот биле вклучени кардиолог и невролог, а на секои два часа биле следени лабораториските параметри, ацидобазниот статус и факторите на коагулација.

И покрај примената на современа терапија и интервенции од мултидисциплинарниот тим, пациентката починала на 01.03.2026 година. Причината за смртта ќе биде утврдена по пристигнувањето на патохистолошкиот наод од извршената обдукција.

Случајот е во фаза на разгледување од Комисијата за контрола на квалитет и унапредување на здравствената услуга при клиниката. Од установата изразија длабоко сочувство до семејството за загубата.