Ова е заедничка држава, која што треба заедно да ја градиме, но кога станува збор за Францускиот предлог со кој ни е прегазено достоинството и дигнитетот, нашите албански сограѓани мора да не разберат зошто мнозинството Македонци велат НЕ на овој предлог. Ова го порача градоначалникот на Куманово и поранешен висок функционер на СДСМ, Максим Димитриевски. Како што вели тој, Албанците знаат да го разберат ова, бидејќи во минатото и тие се соочувале со слични проблеми. Пораката пред се се однесува до политичките партии на Албанците. Граѓаните, вели Димитриевски го разбираат проблемот.
„Бев на Курбан Бајрам кај еден пријател и разговараме на оваа тема. Бидејќи многу се почитувавме и ми вели. Синко, јас сум Албанец ти си Македонец, одлуката е ваша. Ја имаш мојата поддршка што и да одлучиш. Доколку беше во прашање мојот јазик, мојот идентитет, мојата историја, леп и сол ќе мацав, но никогаш немаше да отидам таму. Зошто? Јас научиув многу од тој човек. Ти благодарам Шефкет, јавно ти кажувам“, вели Максим Димитриевски.
Димитриевски вели дека Европската унија требало да одигра поголема улога во ова односно да ја дисциплинира Бугарија, бидејќи блокадите од нивна страна не почиваат на европските вредности, туку на негација на еден цел народ и јазик и противење на суверенитетот и интегритетот на една независна држава.
„Јас не зборувам за бугарскиот народ, бугарскиот народ е сосема нешто друго. Тој го креира своето мислење врз база на тоа што ќе го слушне од нивната политичка елита. Но, првенствено најсилниот подржувач во процесот на Преспанскиот договор беше Борисов. И, еднаш кога го решивме Преспанскиот договор требаше да биде затворено и ова прашање во пакет, а не да се остави да се влече. Затоа што, тие изиграа, како што народот би рекол, тие изиграа типично „бугарски“ и веднаш стапија со блокада. Зошто? Па, многу е лесно вие кога сте посилен, да му се заканувате на некој што е послаб од вас. Зошто? Затоа што тие се во ЕУ, а ние не сме“, додаде Максим Димитриевски.
Димитриевски вели дека на следните парламентарни избори, кога и да се случат ќе учествуваат како независна партија со Движењето За наше Куманово, кое најверојатно ќе добие ново име, како на пример За наша Македонија. Вели дека во изминатите 30 години две големи партии се менувале на власт, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои покажале дека не сакаат да ги исполнат очекувањата на граѓаните.