Што им вети Данела Арсовска среде Чаир на жителите на оваа општина кога го бараше нивниот глас?
Сега кога дојде на функцијата прв човек на Град Скопје, Данела Арсовска зборовите што ги кажа, не ги стави на хартија. Таа во предлог буџетот на Град Скопје не спомна ниедно од ветувањата дадени на жителите на Чаир како и за Чаршијата кои рече дека ќе ги исполни доколку биде избрана за градоначалник на Град Скопје. Во секторот туризам во предлог буџетот, во ниеден став не се спомнува Скопската чаршија и нејзиното осветлување. Не се спомнува ниту во секторот Култура. Советничката на СДСМ во Град Скопје, Љубица Јанчева за ТВ21 рече дека таа очекувала барем санирање на неколку улици во делот на Чаир, но ниту тоа не го видела во предлог планот на буџетот.
Од Град Скопје реагираа преку соопштение во кое се вели дека програмата за проектите опфаќаат 10 скопски општини и се наменети за сите скопјани. Но иако прашавме конкретно за ветувањата дадени на жителите на Чаир, одговор не добивме.
„Програмата на Град Скопје опфаќа проекти за сите скопјани и 10 скопски општини, почнувајќи од проектот “Скопје, без заборавени населби“, чистење и уредување на коритото на реката од двете страни на Вардар каде се опфатени општините Сарај, Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Аеродром, Гази Баба. Град Скопје за време на 4 годишниот мандат планира изградба на нови велосипедски патеки од Бутел преку Чаир до Центар, како и во 9 други општини, како и големи паркови во Чаир, Ѓорче Петров, Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода“, велат од Град Скопје.
Советничката на СДСМ рече дека не се консултирани советниците во текот на изготвувањето на предлог буџетот, додавајќи дека ќе достават амандмани. Според неа во среда се очекува да се гласа буџетот на Град Скопје. Во текот на денот се обидовме да контактираме со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со заменичката Бујаре Абази, се обидовме и по писмен пат, но не добивме одговор.
