Ѓорѓиевски не се согласува со Бислимоски: Ако поскапи струјата, нормално е да има влијание на цената на финалниот производ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Горан Ѓорѓиевски, претседателот на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори, денеска на новинарско прашање дали ќе има зголемувањето на цената  на лебот посочи дека цената на струјата е еден импут кој учествува во финалниот производ и оти најголем импут за кој треба да се разговара се човечките ресурси. 

-Ако електричната енергија за бизнисот се покачува нормално тоа е поголем импут и тогаш секоја компанија ќе си направи пресметки дали треба да ги зголеми или не, рече Ѓорѓиевски, на новинарско прашање по трибината во организација на ССК „Научени лекции од проектот Greenovet, употреба на вештачка интелигенција во создавањето на зелени вештини за иднината“.

Работите, посочи Ѓорѓиевски, мора да ги гледаме реално. Секоја компанија  врз основа на сопствените внатрешни анализи треба да утврди кои цени ќе ги има на пазарот, а понудата и побарувачката тоа финално треба да го завршат бидејќи тоа е европски начин, логичен, разумен и рационален пристап.

Пазарот, понудата и побарувачката, конечно треба да ги одредуваат цените. Не сме во советско-социјалистичко време каде некој ќе одлучи и ќе преземе некои чекори на товар на приватните прави субјекти. Лошите економски политики што ги водеше минатата влада за која сме сведоци катастрофално се одразија врз бизнисите во насока на тоа дека две години ковид немаше скоро никаква помош, финансиска криза, потоа енергетска криза каде  голем  дел од компаните моравме да купуваме струја 600, 700, 800 евра по мегават час  и за што немавме помош од државата, за разлика од компаниите во соседството кои имаа гарантирана цена од 80 евра за мегават час, придонесе компаниите да се во мошене сложена и тешка состојба, рече Ѓорѓиевски, повторувајќи дека замрзнувањето на цените беше погрешна мерка која, како што рече, удри само на грбот на бизнисите.

Коментирајќи ги изјавите на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во однос на влијанието на новата цена на струјата врз цената на лебот, Ѓорѓиевски рече дека Бислимоски е претседател на РКЕ и не е поврзан со агросекторот и прехранбената индустрија.

Бислимоски претходно кажа дека цената на струјата никако не влијае на цената на лебот, со оглед дека компаниите ја набавуваат струјата на слободниот пазар.