„Гоце Делчев со кече“ – зборуваат историчарите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Да се вратат доколку имаат малку почит за нивната татковина и за нивниот патриот Гоце Делчев и да видат дека Гоце Делчев со кече (бела капа) држел говор пред Албанците“, истакна Али Ахмети.

Ова е вчерашната изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за македонскиот херој Гоце Делчев.

Тој рече дека ова е порака за претседателите на македонските партии кои прават напори за обединување се со цел да не биде избран првиот премиер Албанец.

Но, како ја коментираат историчарите изјавата на Ахмети?

Арбен Лала вели дека ова е само кампањска изјава и дека нема врска со вистината.

„Сега е време на кампања и тоа е изјава за кампањата и не верувам дека има историски извори дека Делчев носел кече (бела капа) но г. Али Ахмети е во политичка кампања и таа изјава ја дал за да ги привлече гласачите“, посочи Арбен Лала.

Професорот, Ѓорѓи Спасов, реагираше на неговиот фејсбук профил и го праша Ахмети зошто никогаш јавно не кажал ниту еден македонски збор

„А Али Ахмети кој не убедува дека сите деца од 5то одделение во Македонија треба да го имаа за задолжителен предмет албанскиот јазик, за да сме се разбирале подобро, иако е роден во Кичево и 16 години е дел од власта, не изговорил јавно ниту еден збор на македонски, не гукнал на македонски јазик, а камо ли да одржи говор на македонски за обединување и со тоа да покаже елементарно почитување кон своите сограѓани“, посочи Ѓорѓи Спасов.

Реагираше и Игор Јанушев од ВMРO-ДПМНЕ. Тој вели дека Гоце Делчев не носел кече туку оружје и пенкало.

„Гоце Делчев не носел кече, но покрај Манлихера, носел пенкало, затоа што бил и даскал. Со тоа пенкало ја менувал околината и се борел за Македонија. Уште се живи приказните во штипско Ново Село за неговиот живот, во секоја куќа во Делчево, Берово, Пехчево се зборува со  особен пиетет за апостолот на борбата за слободна Македонија“, посочи Игор Јанушев.

За ликот на македонскиот херој имаше и преписки меѓу историчарите од Македонија и Бугарија. Тој во нашата земја се смета за народен херој кој е и еден од основачите на македонското национално движење, но и Бугарија го смета за нивен национален херој.