Град Скопје ќе изврши обнова на дел од левата страна на кејот на реката Вардар

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска на прес-конференција изјави дека заедно со јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ ќе се изврши реконструкција на дел од левата страна од минор коритото на реката Вардар.

– Остварувањето на оваа инвестиција ќе се одвива во три фази. Првата фаза се однесува на потегот од мостот „Мајка Тереза“ до ПИОМ, втората до паркот на езерата во Аеродром и третата до мостот „Тодор Александров“ исто така во Аеродром, истакна Арсовска.

Со овој проект, како што информираше градоначалничката, се планира обнова на овој дел од кејот на реката Вардар во должина од над 3 км, со нова велосипедска и пешачка патека во должина од 2.500 метри, формирање на зелена површина со 71.330 садници сезонско цвеќе и 1.360 садници зимзелени листопадни од ниска вегетација, нова хидрантска мрежа, нова урбана опрема, садови за отпадоци, ново осветлување, партерно уредување од над 26.363 метри квадратни, со што Скопје ќе добие целосно реновиран потег на дел од левата страна на кејот на Вардар.

Прашана за цената на изработувањето на проектот, таа рече дека во делот што го изработува ЈП „Улици и патишта“ е околу 8 милиони денари, додека во делот што го изработува ЈП „Паркови и зеленило“ цената е скоро 30 милиони денари.