Град Скопје почна постапка на ветинг за директорите на јавните претпријатија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Град Скопје почна постапка на ветинг за поставените директори на јавни претпријатија. Градоначалничката Данела Арсовска најавува нулта толеранција за корупцијата.

– Ова е системска мерка за елиминирање на можностите за корупција во рамки на градот и спречување на какви било судир на интереси. Денеска овој процес започна со директорите на јавните претпријатија, а ќе продолжи со раководителите на секторите, изјави Арсовска по состанокот со директорите на јавните претпријатија.

Како што информираат градските власти, секој од директорите веќе пополнил анкетен лист до Државната комисија за спречување на корупција и потпишал изјава за непостоење судир на интереси во нивната работа. Овој процес, како што се наведува, ќе биде пракса за секое лице кое аплицира за позиција или унапредување.

-Град Скопје на овој начин започна активно да работи на подобрување на интегритетот на локалната самоуправа со цел значително да се намалат и отстранат сериозните прекршувања на работниот процес поврзани со корупцијата. Ова е строг процес на проверка за да се утврди соодветноста за вработување или унапредување на работната позиција, додаде Арсовска.

Спроведувањето на процесот на ветинг беше едно од предизборните ветувања на градоначалничката Арсовска.

-Град Скопје ќе продолжи со спроведување на новата политика на интегритет за јакнење на етичкото и професионално постапување во градската администрација. Само на овој начин ќе се воспостави одржлив систем за интегритет во рамки на јавните установи под ингеренции на градот. Воспоставување на овој систем претставува јасна заложба на највисоко раководство на Град Скопје за нулта толеранција за корупција, како и за кое било несоодветно и неетичко однесување, се вели во соопштението од Град Скопје.