Неколку стотици жени денеска го „завиткаа“ шведскиот парламент со долга рачно плетена црвена марама во знак на протест против неактивноста на политичарите во решавањето на прашањето за глобалното затоплување.
Жените кои одговорија на повикот на движењето Mothers Rebellion шетаа низ парламентот во Стокхолм, носејќи околу 3.000 црвени марами долги 1,5 метри. Тие бараат од политичарите да ја почитуваат обврската за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови.
Насобраните носеа и натписи меѓу кои „Да ја заштитиме климата за иднината на децата“.
Владата предводена од конзервативниот премиер Улф Кристерсон и поддржана од екстремно десничарските шведски демократи ризикува да не ги исполни своите цели за климата до 2030 година, неодамна соопшти агенцијата за проценка на климатската политика.
Според шведскиот совет за климатски политики, владата донела одлуки, вклучително и даночни одлуки, кои ќе ги зголемат емисиите на стакленички гасови на краток рок.