Хасани: Не сум заменик на Филипче, јас се координирам на повисоко ниво и не ги бранам неговите ставови

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Заменик министерот за здравство Илир Хасани и претставникот од Алијанса за Албанците, Беким Татеши вечерва дебатираат во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 за последните мерки објавени од Владата.

Претставникот на Алијанса, Татеши упати остри критики кон Владата и посебно кон ДУИ како политичка партија за која вели дека апсолутно ништо не се прави во насока на лобирање за носење на вакцини во земјата.

Тој напоменува дека земји како Зимбабве, Гана и други африкански земји имаат повеќе вакцини од Македонија, која е земја членка на НАТО.

Татеши го обвини заменик министерот Хасани дека е во сенка на министерот Венко Филипче и дека воопшто не е активен, како и дека не презема никакви мерки за подобрување на состојбата.

„Јас не сум заменик на Венко Филипче. Јас сум заменик министер за здравство. Јас сум член на ДУИ. Јас се консултирам на повисоко ниво“, истакна заменик министерот Хасани.

Тој вели дека како доктор се вакцинирал, но за тоа зошто министерот Филипче не го направил тоа, не може да каже.

На прашањето од модераторот за тоа дека изгледа како да не се во добри односи со Филипче, Хасани одговори дека тоа не е вистина.

„Не е вистина. Ние се знаеме долго време и сме добри пријатели, но немаме исти ставови“, додаде Хасани.