И безалкохолните пијалоци со „гарантирана цена“, се очекува намалување на цените до 30 проценти 

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Гарантираната цена“ која веќе се применува кај повеќе од 50 производи од пекарската, млечната и месната индустрија, од денеска ќе важи и за безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода и пивото. Покрај ова, согласно вчерашната одлука на Владата, треба да се намали и профитната маржа за овошјето и зеленчукот, во малопродажба и големопродажба. 

Со овие мерки, надлежните очекуваат намалување на цените на прехранбените производи од 10 до 30 проценти и стабилизирање на инфлацијата до крајот на годината. 

– Убеден дека со „гарантираната цена на производите“ како и останатите мерки што ги носиме од социјален карактер, ќе успееме да ја стабилизираме инфлацијата до крајот на годината. Тоа веќе се покажа со зголемувањето на платите во јули годинава, кога беше надминато зголемувањето на инфлацијата. Со септемвриските покачувања за 10 проценти на платите, како и линеарното зголемување на пензиите согласно со методологијата која беше утврдена во текот на изминатиот период очекуваме двоцифрената инфлација да падне на 8 проценти, а за храната да достигнеме до 5 проценти, рече премиерот Димитар Ковачевски на вчерашната прес-конференција во Владата.

Највисоките цени кај безалкохолните пијалоци, со исклучок на енергетските пијалоци, се утврдени на ниво на цените што се применувале на 19 септември, а гарантираните цени ќе важат до 30 ноември годинава. 

Трговците на мало се должни да ги сменат цените на овие производи и да ги одбележат со натписот „гарантирана цена“. Трговците, велат од Владата, имаат доволно време да направат корекција на цените.

– Кога се работи за зголемување на цените, тие може преку ноќ да се зголемат, така што истото тоа  може да биде направено и за намалувањето на цените, истакна вчера Ковачевски.