Има основа за покренување кривична постапка за договорот меѓу „Хеј“ и Државна лотарија, вели Мицкоски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Договорот за закуп на деловен простор помеѓу „Хеј“ ДООЕЛ и Државната лотарија не само што беше раскинат од Владата, туку и претставува основа за покренување на кривична постапка и одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена што не е пазарна, туку дури три пати повисока од пазарната, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Во одговор на новинарско прашање за раскинувањето на договорот, Мицкоски истакна дека спротивно на законот биле издавани лиценци за приредување игри на среќа преку интернет и за други платформи, што, како што рече, претставува груба злоупотреба и кршење на законот, што создава основа за кривична пријава.

„Што се однесува до договорот кој беше предмет на владина одлука, тој е раскинат. Не само што е раскинат, туку претставува основа за покренување на кривична постапка и одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна и предвидува трошоци за реновирање. За киријата се предвидени 2,28 милиони евра, а дополнително околу 1,7 или 1,8 милиони евра за реконструкција на објектот, кој претходно бил користен за семејни веселби и прослави, а сега требаше да биде седиште на Државната лотарија. Затоа беше раскинат“, додаде Мицкоски.