Има само 7 години, а веќе решава задачи за втора година средно – Македон од Тетово доби златен медал

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Македон Димитровски од Тетово има само седум години, но тоа не го спрелува со леснотија да реши математички задачи како за втора година од средно образование.

Овој мал генијалец неодамна на Македонија ѝ донесе златен медал во натпревар по математика, и тоа во конкуренција со 4.000 учесници од цел свет, пишува Нова Македонија.

„Натпреварот се вика „Математика без граници“ и се организира во 22 земји во цел свет и се реализира преку менторите во училиштата. Неговата учителка поттикна Македон да оди на натпревар, па ние го пријавивме. За првиот натпревар, кога полагаше, малку се подготвуваше дома, и потоа освои златен медал. Во вториот дел се натпреваруваат сите успешни од првиот натпревар. Ама ние не разбравме дека треба пак да се пријавиме. И испадна дека не може да учествува. Арно ама, неговата учителка пишала до организаторот и дека беше со освоен златен медал, па го примија. Се полагаше истиот ден, само овојпат немаше подготовка зашто немаше време, и пак освои златен медал. Сега го поканија на некое завршно финале во Несебар, но не знам дали ќе успемее да отидеме“ – раскажува неговиот татко Владимир Димитровски.

Македон знае да чита и пишува уште од две години, и тоа и на латиница и на кирилица.

Течно говори и англиски јазик, а таткото раскажува дека кога имал 4 години го носеле на тестирање во центар за психологија.

„И кога го однесов, психологот со кој разговаравме ни рече дека нема тест за таа возраст. Македон решаваше тест за возраст од 7 до 14 години, а испадна дека има коефициент на интелигенција 134. Ни рекоа дека со текот на возраста тој коефициент ќе достигне до 145-150. Кога го запишувавме, пак, во прво одделение, според процедурата, нели, бевме на психолог за тестирање. Таа ни рече: Над 40 години работам, ама вакво дете немам видено. Нѐ праша дали сакаме веднаш да се запишеме во второ или трето одделение. Не сакавме зашто е важен и емотивниот развој. А нему и нема да му смени многу зашто и тоа што се учи во погорните оделенија не му е предизвик, сѐ знае“ вели таткото.

Македон во само еден час ги има научено кинеските бројки до милион, и како се читаат и како се пишуваат и како се изговараат. Истото се има случено и на курс по германски јазик, односно после само еден час тој ги знаел бројките до милион.

„Детето има фази на интерес. Галаксиите ги научи до најмала ситница, секоја планета која темепратура ја има, колку е оддалечена од Земјата, дали е масата цврста, гасовита, немаше нешто што не знаеше, а имаше само пет години. Сега е во фаза географија. Не само што ги знае знамињата, ги знае и како се менувале минативе 100 години. Во последно време сака да „предвидува“, ги црта картите на Европа и кој која земја ќе ја заземе и како ќе изгледа мапата на Европа или на светот за едно 20 години. Тон такви мапи има нацртано“ – раскажува таткото Владимир.

Сепак, како што вели, математиката му е број еден, нема фази во тоа.

Таткото додава дека Македон уште на три години пресметувал броеви, синуси, квадратни корени, и на трицифрени броеви, без никакво помагало.

Македон е второ одделение во основното училиште „Лирија“ во Тетово. 

Извор: Нова Македонија