ИЗРАЕЛ БЕЗ МИЛОСТ: Убиен уште еден висок командант на Хезболах

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Израелските одбранбени сили (ИД) соопштија дека во синоќешниот воздушен напад врз Бејрут е убиен уште еден висок функционер на Хезболах, командантот Набил Каук. Каук бил убиен во напад на воен авион во предградието Дахије, познато упориште на Хезболах, според Тајмс оф Израел.

Тој беше командант на „превентивната безбедносна единица“ на Хезболах и висок член на Централниот совет на таа либанска група, се вели во соопштението на ИД.

Каук бил близок до раководството на Хезболах и бил „директно вклучен во организацијата на терористички напади против државата Израел и нејзините граѓани, вклучувајќи ги и нападите во изминатите неколку дена“, се додава во соопштението на израелската армија. Како што е објаснето, Каук му се придружил на Хезболах во 80-тите и бил заменик-лидер, а подоцна и водач на огранокот на групата во јужен Либан.

Бил и член на Извршниот совет, како и заменик-претседател на тоа тело на Хезболах. Хезболах сè уште не ја потврдил смртта на Каук, но поддржувачите на групата објавуваат пораки во жалост за неговата смрт од вчера, според Ројтерс.

Неколку високи команданти на Хезболах беа убиени во израелските воздушни напади во последните недели, вклучувајќи го и главниот лидер Хасан Насрала.