Израелски министер: Мојата животна мисија е да го спречам создавањето на палестинска држава

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за финансии на Израел Безалел Смотрич го повтори својот став дека Западниот Брег, кој е под израелска окупација, треба засекогаш да стане дел од Израел, а не дел од палестинската држава.

Членот на коалициската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Смотрич го означи тоа како „неговата животна мисија да го спречи формирањето на палестинска држава“.

„Ќе воспоставиме суверенитет во Јудеја и Самарија, прво на терен, а потоа и легално. Имам намера да ги легализирам младите населби. Мојата животна мисија е да го спречам формирањето на палестинска држава“, рекол ултрадесничарот Смотрич користејќи го библиското име Западниот Брег, пренесоа агенциите.

Израел го окупираше Западниот Брег заземен од Јордан во Шестдневната војна во 1967 година. Во мај минатата година, Смотрич ѝ наложи на Владата на Израел да подготви населување на уште 500.000 еврејски доселеници на Западниот Брег, означувајќи го тоа како клучна мисија на Владата на Нетанјаху.

Околу половина милион еврејски доселеници веќе живеат на Западниот Брег во повеќе од 130 еврејски населби меѓу три милиони Палестинци. Друга палестинска територија, Појасот Газа, е дом на 2,3 милиони Палестинци.

Израелската армија се повлече од таму и ги евакуираше еврејските доселеници во 2005 година, но набрзо воведе блокада, а сега таму се води војна против владејачкиот екстремистички Хамас.